Прашањето со РСМ е важно, но повторно ништо не се случи. Нема подготвеност за каква било промена, тврди бугарскиот копретседавач на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, професорот Ангел Димитров, во изјава за новинската агенција „БГНЕС“.
Ијзавите на Димитров доаѓаат по минатонеделниот 20. по ред состанок на екпертската комисија за историски прашања, што се одржа во Скопје.
„Ова е важен сигнал за севкупните ставови, но пред се за атмосферата во која работи нашата Заедничка историска комисија на својот 20. последователен состанок. Нема подготвеност за каква било промена“, вели копретседавач на Комисијата од бугарска страна.
Тој споделува впечатоци за атмосферата во која заседавала комисјата минатата недела. Според него, телевизиите главно се занимавале со предлогот, односно како што вели Димитров, попрво барањето на ДПМНЕ за распишување на референдум на кој целосно ќе се отфрли Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Оваа атмосфера беше позадината на која се одвиваа нашите разговори. Јасно можев да ја видам загриженоста на дел од колегите, бидејќи некои од нив рекоа дека се подложени на закани и притисоци кога нешто менуваат во својата позиција“,нагласува Димитров, додавајќи дека „ова јасно сугерира што се случува во PCM“.
Како образложение, во изјавата тој се повикува на податоци од истражување на германската фондација „Конрад Аденауер“, според која, како што потенцира Димитров, најголем непријател на нивната земја (С Македонија н.з.) е Бугарија, односно дека на вакво мислење биле 44 отсто од граѓаните на земјава.
„Нивниот најголем пријател е Србија – така мислат 37,4 отсто. Над 65 отсто се поддржувачи на идејата за отворен Балкан, идеја што ја лансираше Србија за мини или повторна Југославија. Највисоко оценет претседател е Борис Трајковски, кој трагично загина под сомнителни околности во сообраќајна несреќа. Парадоксот е што Трајковски беше добар пријател на Бугарија. Тамошните луѓе, кои тврдат дека имаат длабоки историски корени, размислуваат дури по 1944 година. Немаат сознанија за тоа што се случувало ни во првата половина на минатиот век, кога населението таму беше прогласено за српско, и кога имаше терористички режим. кога имаше големо насилство и постојани репресии, тоа изгледа воопшто не ги интересира, ги знаат само пропагандите и манипулациите по 1944 година, за жал оваа пропаганда е антибугарска, истакна Димитров“,вели Димитров за „БГНЕС“.
Во врска со темите на Комисијата, тој потенцира дека Гоце Делчев бил во нивната програма веќе трета година, но не стигнуваат до него. Димитров вели дека С Македонија треба да направи сериозни измени во учебниците, и дека тоа треба да се направи веднаш. А учебниците, како што смета тој, може да се дополнат и без да се печатат нови.
„Всушност не се разговара за тоа. Она што е одлучено и најавено е дека треба да се пристапи кон промена на нивните учебници. Зборуваме за учебникот надвор од нашата заедничка историја. Сигнал дека бугарската страна има намера прецизно да ги спроведе одлуките на комисијата даде нашата средба пред да заминеме за Скопје со раководството на Министерството за образование, кое со разбирање го прифати она што го решивме. Белешките за нашите учебници се општи, не допираат важни работи во толкувањето и се пуста желба, но она што треба да го направат е да видат реципрочна акција, почитување на заедничката комисија, да направат сериозни измени во нивните учебници. Ова треба да се направи веднаш. Учебниците може да се дополнат и без да се печатат нови“, коментира Димитров.