Работниците во Македонија се безбедни само на хартија. И покрај тоа што Законот за безбедност и здравје при работа одамна постои никако да профункционира во пракса. Црната статистика секоја година се зголемува, а на градилиштата покрај домашните гинат и странски работници. Неодамна на градилиште во Кратово загина работник од Бангладеш.
Работодавачите велат дека стручните лица за безбедност при работа треба секојдневно да се на терен, а потребна е и поголема инспекциска контрола од страна на Државниот инспекторат за труд.

Ангел Димитров
– Законот за безбедност и здравје при работа има проблем при имплементација. Законот е само формалност и содржи проценка на ризик и други прашања за безбедност при работа кои на самото работно место тешко се спроведуваат. Законот е само една административна процедура која мора да биде запазена од страна на работодавачите. Стручните лица за безбедност при работа треба секојдневно да се на терен и да бидат лица кои се вработени во фабриката, а не однадвор кои воопшто не излегуваат на терен, изјави за „Локално“, Ангел Димитров од Организација на работодавачи на Македонија.
Од Синдикатот за градежништво за „Локално“ велат дека во тек е подготовка на нов текст на законот, но и постоечкиот не е лош доколку се применува во целост.
-Потребно е многу позасилени инспекции на терен, односно зголемување на капацитетот на Државниот инспекторат за труд кој нема доволно инспектори за сите градилишта и сите трудоинтензивни дејности каде има повреди при работа. Со новиот Закон за работни односи треба да биде донесен и Законот за безбедност и здравје при работа кој последен пат беше разгледуван пред две години и во најголем дел беше усогласен меѓу социјалните партнери, изјавија од Синдикатот за градежништво.
Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека Законот за безбедност и здравје при работа не се почитува ниту во државниот, ниту во приватниот сектор. Во јавниот сектор не се вршат редовни обуки и здравствени прегледи на работниците, а во приватниот сектор не се набавува соодветна заштитна опрема и обувки за градежните работници.
Од Синдикатот за градежништво велат целта не е да водиме црна статистика, туку да се преземаат активности на терен со кои ќе се избегнат повреди и жртви на работните места.
Според статистиката во 2023 година на работно место загинале 22 работници, а минатата година имало 18 жртви на работно место.
Б.С.