Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров истакна дека нема оправдување за било какво насилство, во однос на инцидентите што се случија синоќа пред Собранието, на протестот против францускиот предлог.
-Протестите треба да бидат европска критика, а не да се киднапираат од деструктивни центри. Истовремено, владата мора да забави и да ги слушне граѓаните. Чекорот назад е чекор напред. Инаку и оние кои ја бранат Македонија и оние кои ја бранат европската иднина, што секако се целосно компатибилни цели, ќе бидат губитници. Неопходно е обновување на дијалогот, но предуслов за тоа е запирање, повлекување наназад и опсервација со ладна глава. Нам сега ни треба време за да не се удриме во ѕид. Нужен е процес на широки консултации, реален и суштински, без брзање и паника, посочи Димитров.
Поранешниот шеф на дипломатијата предлага да пробаме да обезбедиме унилатерални декларации од сите 26 земји членки (без Бугарија) со кое го прифаќаат нашето неприкосновено право на самоопределување/самоизјаснување и неговиот израз – македонски јазик.
-Можеби Софија ќе размисли дали вреди нивната негаторска изјава во вакви околности … Можеби ќе разбере дека со таа навреда нема никогаш да бидеме вистински пријатели?, објави доцна синоќа Димитров.