„Темата Македонија не избледува и е дел нашите животи повеќе од два века“. Ова го рекол бугарскиот историчар Ангел Димитров при презентацијата на неговата книга „Бугарија и Република Северна Македонија. Средба меѓу историјата и политиката“.
На настанот присуствувале и заменик министерката за надворешни работи на Бугарија, како и двајца поранешни бугарски премиери.
Димитров истакнал дека идејата за книгата потекнува од 2021 година. Тој својата работа ја дефинира како анализа на модерноста и посочил дека книгата обработува прашања од големо значење и за иднината и за добрососедските односи меѓу двете земји.
„Република Северна Македонија не може да избега од југословенската орбита во која е создадена. Тешко е да се излезе од ова наследство, а тоа важи и за политичката класа“, изјавил бугарскиот историчар, пренесуваат бугарските медиуми.
Димитров е и копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања со Македонија која претседава во рамки на Договорот за добрососедство меѓу двете држави.