Патот кон ЕУ останува наша заложба, но вметнувањето на билатералниот спор со Бугарија околу македонскиот идентитет во самиот преговарачки процес е преседан што го прави самиот процес практично невозможен, истакна претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, на интерактивното предавање одржано во Универзитетот Американ Колеџ – Скопје.
Критикувајќи ја неконзистентноста на ЕУ кога е во прашање случајот на Македонија, тој истакна дека спорови околу јазик, малцинства и сл, имале дури и скандинавските земји меѓусебно, но тие не биле пречка или кочница во нивните евроинтеграциски процеси, затоа што не била правена нивна билатерализација во процесот, каква што имаме ние сега со Бугарија. Една тешка последица од ваквата билатерализација на проблемите е застранување од патеката на Копенхашките критериуми.
„Едно билатерално прашање дозволија да стане европско, односно тогашната влада иако дома нѐ убедуваше дека не е така, всушност се согласи динамиката од пристапниот процес со ЕУ да зависи и од работата на комисијата за историја. Како што тогаш австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер и директно кажа – направивме преседан што не смее да се повтори. Или како што рече директорката на италијанскиот Институт за меѓународни односи, Натали Точи, модераторка на лидерскиот панел на неодамна одржаниот Бледски стратешки форум, ‘билатерализацијата е отров за проширувањето на ЕУ’.“
„Кога има спор помеѓу земја членка и земја кандидат, тој секогаш е асиметричен“, објасни Димитров.
Според него, „ако вие инсистирате да победите во спорот со вашиот сосед, спорот не е решен“.
„Тоа е случајот со Бугарија и нејзините барања. Кога требаше да се ратификува Преспанскиот договор во грчкиот парламент, беше изгласан со тесно мнозинство, затоа што и во Грција, исто како и овде, се разбира дека имаше и не мал број незадоволни од договорот. Оти, знаете како велат, компромис е решение кога и двете страни се незадоволни на крајот, односно, сметаат дека можеле повеќе да извлечат од договорот. Додека во Софија, кога се гласаше во парламентот за т.н. Француски предлог, огромно беше мнозинството, затоа што Бугарија го смета за своја победа“, порачува претседателот на „Солуција“.