Нашиот пат кон Европската Унија е многу тежок, тесен и многу стрмен, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во новогодишното интервју за МИА.
Димитров вели дека оваа битка не е само битка за македонскиот идентитет, туку е битка и за европскиот идентитет.
-Ако Европската Унија е заедница на вредности, меѓу кои клучните се богатството на различностите, кулурни и јазични, на народите во Европа, тогаш оваа битка е битка на самата Европска Унија. Јас сум убеден дека ние овие три цели коишто се целосно заедно компатибилни, мора да ги успееме истовремено. Да почнеме пристапни преговори, да го зачуваме и промовираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик и да градиме пријателски односи со нашиот сосед Бугарија, подвлече Димитров за МИА.
На прашањето дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март, Димитров вели дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања.
-Дел од бугарските политички сили можеби сакаат ова прашање и да го користат во кампањата. И не мислам дека ќе си помогнеме ако влеземе во таа приказна. Јас мислам дека е време малку да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија. Мислам дека е време, енергијата, времето што не ни е бесконечно, тоа ни е ограничено да го инвестираме во средување на сопствениот двор. Тоа не значи дека треба да ги прекинеме разговорите со Бугарија, немаме од што да бегаме, кажавме јасни позиции и сме кристално чисти, меѓутоа мислам дека фокусот треба да биде дома, дециден е Димитров.
Додава дека штом завршат изборите да бидеме подготвени да влеземе во тој процес, да ги убедиме, вели, дека тоа што Бугарија го направи кога таа беше претседавач со ЕУ го врати проширувањето на листата на приоритети на Европската Унија, не соодвествува со ова што сега ни го прави.