Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров оддаде почит по повод 18 години од смртта на претседателот Борис Трајковски. Тој преку објава на социјалните мрежи му се заблагодари на Трајковски, поради како што напиша, „живееме во мир затоа што беше таму кога ѝ требаше на својата земја“.
-Беше голем човек, и буквално и како лидер и како морална сила. Имаше и голема насмевка и широка прегратка. Си го сакаше народот и душата му се корнеше за нашите маки. Му должиме многу, иако тогаш тоа не сите го разбираа. Кога носеше непопуларни одлуки мислеше на иднината, а не на идните избори. Слава ти!, објави Димитров.
Трајковски загина во авионска несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година во близина на Мостар.
Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.