Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров остро ја осуди политиката на официјална Софија.
-Се жалат на омраза, која самите ја создадоа и сега ја разгоруваат. На сред Брисел црно на бело и без срам и перде ни го негираа и навредија јазикот, а денес во Охрид слават лик кој соработувал со Хитлер, во држава која ја стекнала својата државност низ антифашистичката борба, при толку многу вистински примери на луѓе кои можат да симболизираат заедништво, дијалог, култура и вредности, порача Димитров што мисли за денешното отворање на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“.
Тој упати критики до македонската Влада поради односите со нашиот источен сосед.
-За жал, Владата во односите со Бугарија продолжува да се однесува како туѓа влада. Сервилноста не е мудрост во ниедна дипломатска теорија и практика. Сервилноста е слабост. Во услови на постоење на независна и суверена македонска држава, “мудрото” молчење е само креирање на слика дека сме село без кучиња каде друга држава ќе си фаќа сеир на понижувањата направени на наша територија, објави меѓу другото Димитров на социјалните мрежи.