Димитровска нема да даде оставка – вели обвинетиот во „Адитив“ ѝ бил семеен пријател

од Nikola Popovski
145 прегледи

Првиот човек на ДКСК, Татјана Димитровска се огласи во јавноста откако Кривичниот суд одреди мерки на претпазливост, одземен ѝ е пасошот и доби забрана за работа. Според неа, кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Димитровска во доставеното соопштение истакнува дека принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат.

-Останатите 6 члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена. Сакам да ја информирам јавноста дека мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно, порача првата антикорупционерка.

Како што информира, сега во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице. Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај неа, а согласно утврдените правила нема никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот.

-Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите. Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство, стои во реакцијата на Димитровска.

Ова е прво огласување во јавноста на антикорупционерката откако случајот со неа ја крена јавноста на нозе за тоа како е можно член на Антикорупциската да се сомничи за корупција.

Дел од јавноста смета дека е потребно е да се промени менталниот склоп на општествено живеење, особено кај функционерите кои во суштина се корумпирани. Горан Трпеноски, поранешен член на ДКСК изрази загриженост за актуелната ситуација. Смета дека не треба целата институција да биде доведена во прашање поради дејствијата на поединец, и дека комисијата може да продолжи со работа дури и без претседателот, благодарение на добриот тим и заменикот. Сепак, тој истакнува дека претседателката треба да се повлече додека не заврши истрагата, бидејќи таа е одговорна за интегритетот на институцијата.

„Локално“ пред неколку дена пишуваше за ситуацијата со Димитровска. Според уште еден екс-член на ДКСК, Владимир Георгиев, потребно е Димитровска да си поднесе оставка.

Корупција кај антикорупционерите: „Очигледно во изборот на тековниот состав на ДКСК имало многу влијанија од страна на членовите на Комисијата за спроведување на интервјуата што доаѓаат од партиите во Собранието“

Случајот „Адитив“ ја разбранува јавноста. Димитровска е осомничена е за оддавање службена тајна. За друго лице, вмешано во постапката, Судот определи 30-дневен притвор.

Слични содржини