Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска денеска поднела оставка од функцијата. Таа утрово преку нејзиниот адвокат до Собранието ја доставила својата оставка.
Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши информира дека Димитровска поднесла оставка од функција. Оттаму посочуваат дека Собранието ќе постапи согласно предвидените процедури.
Од собраниските служби потврдуваат дека оставката е примена и дека во моментов се архивира. Димитровска во оставката се повикува на чл. 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупција без друго образложение.
Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт.
Оставката Димитровска ја поднесе откако минатата недела Обвинителството за гонење организиран криминал и поднесе обвинение за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“ и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.