Димитровска за „Локално“: Буџетот е еден за сите, нудам скромни и реални решенија за Куманово

од Берта Китинска
663 прегледи

Младите масовно се иселуваат, а незадоволството од општината од тоа што го нуди градот е навистина големо. Веќе со децении живееме во црно – бело свет, свет на политичка магла, а политичкиот систем стана двопартиски. Ние кои не сме дел од тие два политички пола и кои сме свесни за сè што се случува моравме нешто да преземеме и со личен пример да покажеме дека промената е можна. Оваа моја кандидатура е токму тоа, личен пример. Нас како нова генерација во политиката нè очекуваат многу работи кои треба да ги завршиме, вели во разговор за „Локално“, кандидатката за градоначалник на Куманово, Tеодора Димитровска од движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП/ДОМ, нагласувајќи дека на овие избори со својот пристап ќе бидат пример за во иднина – како да се настапува културно, пристојно и нормално, без подметнувања и спинови.

Таа вели дека нејзината програма започнува со точката „Град за млади и спорт“, бидејќи Куманово не само што е како град најслаби во овој дел, туку има потреба од решавање на овие проблеми.

-Првиот приоритет се младите. Она што е за нас најважно е тоа што сакаме да воведеме буџет за млади. Отвораме скејт парк и кино, ова се и резултатите кои ги добивме од анкетите и разговорите со граѓаните. Не може да се стремиме да наликуваме на европски град, а во јавниот превоз и на плоштадите да немаме интернет. Старите и запуштени објекти ги правиме центар на алтернативната сцена. Наместо нешто да пропаѓа, создаваме и поддржуваме култура и уметност. Сакаме да го оживееме спортот во Куманово, за што предвидуваме спортски ваучери и субвенции. Младите кои се под 18 – годишна возраст да имаат бесплатен влез на сите спортски настани и манифестации. Организираме street basket лига и создаваме street workout простори. Младинскиот локален совет мора да профункционира и да биде активен. Важно е да отвориме две нови канцеларии за млади, најавува Димитровска.

Кандидатката за градоначалник на Куманово вели дека проблемите со кои се соочуваaт младите кои живеат во овој град се големи, додавајќи дека не познава општина кај нас која активно работи за и со младите.

-Потребно е многу поголемо вклучување на младите во јавниот живот, кога се одлучува, а не да бидеме декор на некој друг. Како ги вклучуваме младите кога ги ставаме на последни места секаде Ние како движење сме пример за вклучувањето на младите, не само јас како кандидатка за градоначалничка, туку и други млади лица кои се и носители на листите, кандидати за советници.Немаме младински простори. Каде можеме како млади да се собираме, да организираме настани, да користиме простор како место за работа и дружење.Немаме кино, нема скејт парк. Ова за најголема општина во државата е поразително. Потребни се многу поголеми инвестиции во образованието, спортот, културата. Општината мора да го развива и поттикнува претприемништвото кај младите, смета Димитровска.

Според неа важна е искрената поддршка на малдите.

-Колку закони или било какви документи да донесеме, ако нема волја за нивно спроведување ништо не сме направиле. А ,ова го видовме и по примерот на локалните младински совети. Само се донесуваат некакви стратегии и препораки, а никако овој совет во Куманово да профункционира. Исто е и во другите градови. Сега и законот ја бара таквата активност, таквата форма на организирање и вклучување на млади, објаснува кандидатката.

Таа ветува дека доколку ја добие довербата ова прашање ќе биде меѓу првите работи кои како и формирањето и фукционирањето на локалниот младински совет во Куманово.

-По овој пример јасно ни е како „се грижи“ општината за младите, а во време на кампања зборот „млади“ е еден од најчесто употребуваните. Последната информација за советот во Куманово е од 2015 година, а имајќи ги предвид овие нереални ветувања и проекти за млади што ги изнаслушавме во кампањава, во најмала рака е и безобразно и нечесно кон граѓаните.Ние предвидовме скромни и реални решенија, корисни за сите. Јас можам да зборувам само во мое име. Ние можеме да го исполниме ветеното бидејќи пишувајќи ја програмата се држевме во рамките на нормалното и потребното, а не само нафрлување на проекти за кои не можеме да обезбедиме средства. Буџетот е еден за сите, а она што го слушаме е како да имаме буџет на некоја европска и напредна метропола. Се вклучив на овие избори поради тоа што досега ветеното не се оствари, а навистина многу се ветуваше. Неколкуте ветени градинки, неколкуте катни гаражи и уште многу други нереални проекти кои се граничат со научна фантастика им ги остават на нивната чест и совест, објаснува таа.

Димитровска вели дека доколку стане градоначалничка ќе направи транспарента, дигиталнизирана и отворена општина, во која како што објаснува не се користи со принципите на непотизмот, туку со предностите на мерит системот.

-Општина која ќе биде блиску до граѓаните, која ќе решава локални проблеми кои ги погодуваат сите групи и категории на граѓани. Општина која нема да се занимава со инфраструктурни зафати, затоа што тие како приоритет прво мораат да бидат решени, туку опшина која ќе се развива современо и модернизирано. Општина која ќе води сметка за малите и средните претпријатија, за градските но и приградските и селските места, општина која ќе работи во интерес на младите, а нема да им ги пакува куферите за заминување. Општина која ќе ги задоволи поребите на сите наши сограѓани и општина која секогаш ќе биде отворена и достапна за секој граѓанин, вели Димитровска.

Б.М.

Слични содржини