Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски денеска во Варшава учествуваше на конференција на иницијативата „Три мориња” организирана од „The Opportunity“, Институт за надворешни работи од Полска.
– Македонија како и другите земји од Западен Балкан треба да станат дел од Иницијативата „Три мориња”, истакна Димитровски, како комплементарна интеграциска алатка за полноправно членство во ЕУ.
Според него рутите на иницијативата „Три мориња” од Балтикот до Јадранот, Медитеранот и Црното море, минуваат токму низ земјите од Западен Балкан и Северна Македонија, преку коридорите 10 и 8.
Балканот и Македонија не може и не смее да се заобиколат доколку на Европската Унија и е значајна безбедноста на континентот, зашто тие се во европскиот двор, а најдобриот начин за траен мир и во овој дел од регионот е силен економски развој кој не е можен без инвестиции во инфраструктурното поврзување, изградбата автопати, брзи пруги, гасоводи, енергетски и дигитални врски, рече Димитровски.
Иницијативата „Три мориња” поврзува 13 земји членки на ЕУ од регионот на Балтикот, Јадранот и Црното море (Австрија, Унгарија Словенија, Хрватска, Полска, Чешка, Словачка, Литванија, Естонија, Латвија, Романија, Бугарија, Грција) и партнерите САД, Германија и Јапонија и создадена е за да обезбеди посилни транспортни, комуникациски, енергетски и дигитални врски на земјите членки со Западна Европа.
Партнери на иницијативата се и Украина и Молдавија, како и Албанија и Црна Гора. Самитот на шефови на држави или влади на иницијативата се одржува утре и задутре во Варшава.