Носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје на локалните избори, Даме Димитровски, е избран за претседател на Советот на Град Скопје. Димитровски беше предложен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која заедно со советничката група на ВЛЕН има мнозинство во Советот.
Димитровски беше единствениот предложен кандидат, а за претседател на Советот на Град Скопје во наредните четири години беше избран со мнозинство од 23 гласа „За“.
„Ова не го сметам само за функција, туку и за доверба која ја добивам од вас како избрани претставници од сите жители на Скопје кои очекуваат да видат институција која ќе работи чесно, одговорно и во интерес на граѓаните. Ќе бидам претседател на сите советници во Советот без разлика на нивната политичка припадност. Ќе бидам и глас на разумот и посредник на дијалогот кога тоа ќе биде потребно. Ќе бидам гаранција дека градското собрание ќе ја врати довербата на граѓаните“порача Димитровски по изборот за претседател на Советот на Град Скопје.
Пред гласањето, советничките групи на СДСМ, Левица и на коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, рекоа дека нема да го поддржат изборот на Димитровски, но порачаа дека се надеваат на добра соработка во рамки на Советот и меѓусебна поддршка за проекти во интерес на граѓаните.