За да ја сфатиме сериозноста на целата програма ИПАРД во Македонија првично треба да знаеме зошто Европската унија парите од своите граѓани, односно даночни обврзници, ги дава како кофинансирање во Владата заедно со приватниот сектор и земјоделците во Македонија. За ова постојат три причини и тоа се модернизација на производството, зголемена конкуретност, подобрување на стандардите во производство на храна, вели екс-министерот за земјоделство и претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ, Трајан Димковски по скандалот со злоупотребите и стопирањето на исплатата за ИПАРД 3 програмата.
Димковски истакнува дека домашното производство на храна кое се извезува, половината од тоа завршува на европскиот пазар и затоа Европската комисија сака да опремата за модернизација која се инвестира да е од земјите членки во ЕУ и да нивните граѓани имаат поконкуретни цени и со стандарди за производство на храна која гарантира квалитет и здравствено исправни производи.
На прашањето што значи времен прекин за ИПАРД програмата и што се влегува во стопирање на ИПАРД, соговорникот за „Локално“ објаснува дека тоа значи дека сите завршени проекти кои се во фаза на контрола пред исплата, се стопираат. Како што додава, тука имаме фирми во зависност од инвестицијата кои го инвестирале целиот износ на проектот преку вложување на свои пари, заеми или кредити и чекаат на исплата.
-Ќе бидат финансиски исцрпени и ќе заглават со инвестицијата со што и целиот свој бизнис влегува во ризик. За сите кои аплицирале за ИПАРД по разни мерки, а имаат потпишани договори, со ова ќе застанат со инвестицијата или целосно ќе се откажат. За сите оние кои што допрва планирале да аплицираат по ИПАРД мерките, ќе се повлечат од таквата идеја и сето оваа вклучува стотици фирми од агро-секторот кој во наредниот период ќе ја изгуби конкуретноста со регионалната конкуренција од другите држави, истакнува Димковски.
Околу тоа што значи ова за домашното производство, екс-министерот вели дека со сигурност во иднина уште повеќе ќе опаѓа, бидејки примарното производство кое доаѓа од земјоделците ќе нема кој да го откупи, преработи и да го извезе на странските пазари и сето тоа ќе се прекрши на индивидуалниот земјоделец.
-Преку ИПАРД програмата влегува и целосна механизација за примарното производство и овој дел кој влегува во Мерка 1 ке биде со времен прекин а тоа исто означува намалена конкуретност и модернизација на фармите, наведува Димковски.
За барањето на дел од јавноста за оставка од страна на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, соговорникот објаснува:
-Гледаме како политичарите радо зборуваат за ниската доверба во судството, а колкава е довербата во политичарите кои извршуваат јавни функции…При ваков скандал кој ви се случува во ресорот, а вие како министер да кажувате дека Агенцијата не е дел од министерството, а сите програми за спроведувањеи исплата во Платежна агенција и исплата ги носи министерството, да блиски луѓе од кабинет ви бидат опфатени во истрагата и притворени… Се поставува прашањето дали сегашниот министер може да влијае на истрагата и во најмала рака заради јакнење на довербата на политичарите спрема граѓаните треба да си поднесе оставка, оценува Димковски.
Премиерот Христијан Мицкоски лично побарал да биде запрена исплатата за ИПАРД 3 програмата, за да се утврдат сите злоупотреби и потенцира дека доколку се констатира вина, ќе има одговорност. Ваквиот чекор го поздрави Европската комисија. „Од Европската комисија беше поздравена позитивната акција. Мора да видиме до каде оделе злоупотребите, бидејќи има информации дека тоа се случувало со години наназад. Ќе се истражи сè и сите вклучени ќе одговараат – од прв до последен“, изјави денеска Мицкоски.
Според Димковски, да се даде таква изјава од премиер на Влада после пет дена од скандалот што се случи и тоа да се каже дека тој лично побарал времен прекин е, како што вели, целосно непознавање на системот на дистрибуција на европските пари и користење на европските фондови.
-Да укажеме дека Македонија е една од неколкуте земји кои користат вакви европски кохезиони фондови за развој и тие си имаат свои процедури за трошење на своите пари и, токму ова значи дека при ваков скандал веднаш по автоматизам се носи времена прекин за користење на парите. После временото стопирање на користење на средствата незнаејки до каде ќе оди истрагата и што се ќе излезе на виделина допрва ќе видиме, но ова времено запирање може да прерасне и во целосна суспензија на ИПАРД програмата.
Да се потсетиме дека само пред две години во една наша соседна држава имавме суспендирање на ИПАРД програмата при што премиерот веднаш го разреши министерот за земјоделство, така во овој случај доколку нема морална одговорност мора да има разрешување на министерот од страна на премиерот, бара екс-министерот за земјоделство.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Цветан Трипуновски
Министерството за финансии вчераше информираше дека исплатите од ИПАРД програмата се привремено стопирани како превентивна мерка поактуелните случувања во Агенцијата, а Европската комисија ја поздравила одлуката на националните структури.
„Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Она што веднаш по сознанието односно акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата“, појасни министерот.
Министерот Трипуновски посочи дека во брз период ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
На четворица осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и на актуелниот директор на Aгенцијата за финансиска поддршка во земјодeлството, скопскиот Кривичен суд им одреди мерка притвор од 30 дена. Петтоосомничената доби куќен притвор. Сите се сомничат за давање поткуп и награда за противзаконито влијание. Извршени се претреси на повеќе локации, под сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа, при што се пронајдени парични средства во значителна вредност.