Димоски: Ќе бидат поднесени соодветни пријави против прекршителите во Вевчани

469 прегледи

Во Вевчани, како што се познато денес интервенираше полицијата, со цел да се спречи групирање на лица кои беа дел од Вевчанскиот карневал кој денес се оддржа.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски посочи дека интервенцијата на полицијата била поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот, односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија.

„И покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација, да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата“, потенцираше Димоски.

Исто така, тој рече дека ќе бидат поднесени и соодветни пријави против прекршителите на мерките за заштита од Ковид 19.

„Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани“, вели Димоски.

Вевчани денеска живее во духот на вековната традиција, познатиот Вевчански карневал, но поради пандемијата со Ковид-19, двете василичарски друштва Горна и Долна маала се откажаа од организацијата на карневалот. Вевчанци, иако во мал број, сепак не се откажаа од традицијата и маскирани, во помали групи излегоа низ улиците преку маски, на сатиричен начин да покажат дел од настаните што ја одбележаа изминатата година.

Слични содржини