Димоски: Со изборот на Абази се бетонира состојбата на статус кво во гонењето на сериозните форми на криминал и корупција

од Nikola Popovski
701 прегледи

Незадоволството го сметам за оправдано, но и сериозно со оглед дека доаѓа од луѓе кои се релевантни во нашава струка. Мислам на колеги кои се сериозни адвокати, универзитетски професори по право и граѓански активисти, вели за „Локално“ поранешниот обвинител, а денес адвокат Војо Димоски за изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, кој предизвика незадоволство во јавноста.

Според Димоски, незадоволството базира на неколку основи, пред се тоа е професионалната биографија на обвинителот, која, како што вели, од една страна е скромна ако се види пописот на кривичните дела кои ги сработил, а од друга страна е пример за експресно напредување од Основен обвинител до Виш обвинител и веднаш до раководител на Вишото обвинителство во Гостивар.

-Дополнително за нас кои сме луѓе од занаетот е скандалозно да се настапи на избори, а при тоа да не се достави програма за делување, ниту пак да се удостои стручната и општата јавност со учество на соочувањата со противкандидатите. Мојата перцепција е дека со овој избор се бетонира состојбата на статус кво во гонењето на сериозните форми на криминал и корупција и се потврдува заробеноста на институциите од политиката, објаснува екс-обвинителот.

Околу моделот за избор на главниот обвинител, Димоски смета дека е недозволиво во орган како Обвинителството кој почива на принципите на хиерархија и субординација, носителите да се избираат со непосредни избори.

-Следствено на тоа мислам дека тој модел треба да се напушти, а не да се менува, потенцира тој.

Околноста еден правосуден функционер да познава некого од политиката сама по себе за мене не е проблематична, вели Димоски околу „блискоста“ Абази со членови на ДУИ, како и фактот што потекнуваат од исто село со претседателот на партијата, Али Ахмети.

-На човек кој има професионален интегритет нема да му биде тешко да не дозволи мешање во неговата работа. Меѓутоа за мене е и тоа како проблематично, кога некој кој треба да е олицетворение на борбата со најсериозните форми на криминал, на јавноста и соопштува нешто кое после неколку часа е демантирано со фотодокументација. Тоа за мене е скандалозно и претставува сериозно кршење на Етичкиот кодекс на Јавните обвинители. Сега на потег е Државниот обвинител кој според мене е должен да му поведе постапка пред комисијата за етика, порачува поранешниот охридски обвинител.

На прашањето што ќе се случи со сите покренати предистраги за тежок криминал во кој се „чепнаа“ и некои кадри од ДУИ, Димоски вели дека она што се случува околу изборот на новиот раководител на ОЈО за ГООК, но и она што се случуваше околу детронизацијата на претходната раководителка на ова обвинителство не оставаат поле за голема надеж.

-Горчлив е впечатокот дека политиката преферира во обвинителството кадри на кои архетип е шефицата на поранешното СЈО. Околноста пак дека повеќе од третината од активните обвинители гласале како што гласале на последниот избор за мене е поразителна, дециден е адвокатот.

Пред два дена во обвинителството се одржа гласање за новиот шеф на Специјалното обвинителство за борба против организираниот криминал и корупција. Овој чекор дојде по суспензијата на Вилма Русковска, која важеше за железна дама во спроведувањето на законот. На местото дојде Аслан Абази од Вишото обвинителство во Гостивар, со 66 гласа од обвинителите. Иако тој вчера тврдеше дека нема познанства со членови на ДУИ, во јавноста испливаа фотографии како е сликан со Нејзат Бејта, Крешник Бектеши, но и братот на Али Ахмети.

Н.П.

Слични содржини