Димовски: Ако продолжи растот на трошоците на живот, ниту три минимални плати нема да се доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница

од Vladimir Zorba
270 прегледи

Последните податоци говорат дека Синдикална кошница за месец јуни 2021 година е зголемена за 562,00 денари во однос на почетокот на годината јануари 2021 година, поради евидентното зголемување на индексите на трошоците на живот. Вредноста на Синдикалната минимална кошница за јуни 2021 година изнесува 34.212,00 денари.

– Сојузот на синдикатите на Македонија оправдано во изминатиот период бараше Минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, поради тоа што ниту просечната плата нуту пак две минимални плати не се доволни да ја покријат Синдикалната минимална кошница. Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски во изјава за „Локално“.

Податоците на ССМ покажуваат дека реално на едно семејно домакинство му се потребни најмалку 1,5 до 2 просечни плати, но и тоа ќе значи само овозможување на најосновните потреби.

– Се надеваме дека во наредниот период со најавеното зголемување на просечната плата кое задолжително ќе го следи и зголемувањето на минималната плата ќе се подигне стандардот на македонските работници, а потсетуваме дека зголемувањето на платите многу лесно може да се оствари доколку сите работодавачи ги почитуваат законите и колективните договори, преку што и веднаш би се зголемиле платите на работниците, додава првиот синдикалец.

Слични содржини