Денеска на затворена седница на Влада, директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски ќе даде отчет за издавањето на државјанството за Олександр Онишченко.
-Директорот ќе информира за сите детали околу државјанството и како се обезбедени позитивните мислења. Понатаму не можам да коментирам со оглед на тоа дека од затворени седници на влада не може да се даваат информации бидејќи е тешко кривично дело, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски, исто така, не одговори и дали средбата со помошник генералниот секретар на НАТО за безбедност и контраразузнавање била за случајот „Онишченко”.
Онишченко државјанството го добил откако до Владата пристигнале четири позитивни мислења за одобрување. Иако Владата има дискреционо право во одлучувањето за државјанствата, сепак досегашната пракса е да се побараат мислења од релевантните агенции и институции. Онишченко добил четири позитивни мислења – од Коњаничка федерација, Македонски олимписки комитет, Агенција за млади и спорт и Агенција за национална безбедност.
Неговото барање за државјанство било поднесено пред две години кога спортското досие му било чисто, а немало информации за други контроверзии околу него.