Четирите мислења беа позитивни и доставени до седница на Влада врз основа на кои беше доделено државјанството на Онишченко. Јас побарав детален извештај врз основа на спроведена истрага и анализа согласно процедурите на АНБ и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Владата и тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден. Од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации со оглед на казнивоста на давање на такви информации, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски за случајот со Украинецот Олександр Онишченко.
Премиерот порача дека одговорност мора да има и тоа е работа на истрагата која треба да биде спроведува.
-Дали ќе имаме нов директор на АНБ, да ќе имаме и тоа ќе се случи во наредните 24 денови. Треба да биде професионалец со долгогодишно искуство и кој што ќе треба да ги помине филтрите на институциите на стратешките партнери. Имаме договор за стратешко партнерство со САД и треба да биде усогласен изборот со исполнување на такви критериуми, рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање на прес-конференција.
Директорот на Агенција за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски во петокот информира дека е пронајдена вина кај поединец-припадник во АНБ за случајот со Онишченко.
-Во АНБ преземени се неколку мерки бидејќи е лоциран поединецот кој што го ставил потписот, за утврдување на одговорноста. Ипситуваме дали се работи за изолиран случај или некој друг предмет. Не сакаме заради ваков предмет, она што е сторено со макотрпна работа во изминатите три години, да се повтори лошата слика за делувањето на АНБ во претходните 15 години. Лицето и евентуално инволвирани во случајот ќе подложат на законски мерки. Во зависност ќе видиме со каква одговорност ќе заврши. Сега треба да се утврди дали се работи за пропуст, намера или лукративен интерес. Ќе го откриеме тоа и нема да застанеме, додаде Димовски по прекинот на седницата на собраниската Комисија на која реферираше за давањето држaвjанство на Украинецот.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера рече дека Владата побарала внатрешна истрага за случајот. Тој смета дека треба да има последици за овој случај.
-Несомнено, тоа е сериозен напад кој треба да не поттикне сите да почнеме да размислуваме каде имаме слаби точки и да преземеме мерки и тоа треба да го направиме заедно со меѓународните партнери, изјави Османи во врска со доделувањето македонско државјанство на Онишченко, кој е на црната листа на САД.