Од денеска јасно кажуваме дека директорот на Водовод не ги исполнува критериумите за в.д, бидејќи еден од критиериумите е да донесе потврда дека не е осудуван. Лицето Марјан Митовски е осуден за кривично дело. Во ниту еден случај не може да биде вршител на јавна функција. Имаме уште една пресуда која ќе ја обелодениме доколку овој директор не си поднесе оставка или градоначалничката Арсовска не го разреши, изјави првиот синдикалец Дарко Димовски откако истече поднесениот рок со кој се бараше од Данела Арсовска да го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација-Скопје“.
Димовски најави дека „имаат лекарски извештај каде што стои дека психичката состојба на Митовски е нарушена и дека се лечи“.
-Уште утре ќе ја започнеме процедурата и ќе имаме состанок, за да се донесе одлуката за штрајк, рече Димовски.
Тој подели копии од правосилната пресуда за сторено кривично дело од страна на Митовски.
-Напад на лице со ладно оружје нож, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Еве ги доказите. Ние не сме Марјан Митовски да ги лажеме скопјани и градоначалничката Арсовска. Ние работниците веќе се плашиме да одиме на работа, знаејќи овој човек што направил и тука завршува дискусијата. Барем од морални причини треба да си поднесе оставка, наведе Димовски.