Димовски: Успехот на АНБ ги поставува стандардите за безбедност, достојни за НАТО членка

од Берта Китинска
124 прегледи

Агенцијата за национална безбедност денеска организираше настан по повод три години од своето основање. Настанот се одржа во присуство на бројни претставници на Владата на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, Канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, судските институции, јавното обвинителство и други гости и соработници на Агенцијата.

Во име на Владата, на настанот се обрати првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, Артан Груби: „Денес сум горд што припаѓам на генерацијата пратеници во нашето Собрание, којашто донесе значајни и тешки одлуки, вклучително и последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор со отпочнување со работа на Агенцијата со која Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни лични и групни интереси, веќе замина во историјата.

Пред нас е уште еден голем предизвик, а тоа е заедничката борба против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата е безбедносен ризик. Не зборувам само за корупција во политиката или институциите, туку и кај медиумите, судството, невладиниот сектор. Токму затоа ни треба општествен ветинг, а не лов на вештерки и партиска пропаганда.”

Агенцијата и оваа година додели плакети во знак на благодарност за успешната соработка и исклучителното залагање за реализирање на заштитата на националната безбедност, на поединци и институции.

Успехот во работата, Агенцијата го должи и на соработката со меѓународните партнери. Во овие рамки, АНБ додели плакети и за успешна соработка и на партнерските служби од Француската Република и Република Словенија.

Во име на наградените, се обрати министерката за одбрана, Славјанка Петровска:

„Знам дека заради вашата работа не можете да зборувате многу, но верувајте дека ние, од другата страна, цениме сé што сте направиле изминатиов период за нас и за нашата држава. И затоа најважната цел е ова да биде служба која ќе биде професионална, цврста, која ќе биде штит на државните интереси и ништо помалку од тоа. Нека е честит роденденот, уште многу успеси и уште многу успешни години.”

Оваа година со одлука на директорот на АНБ се доделени награди за најдобрите работници на Агенцијата кои во претходниот период најмногу придонесоа за нејзиното успешното работење.

Воедно, со одлука на директорот се доделени и почесни службени легитимации на пензионираните работници на Агенцијата за национална безбедност.

На настанот се обрати директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски кој го изрази своето задоволство од успешното реформирање на безбедносните служби и нивно издигнување на нивото долично за една НАТО членка.

-Во изминатиот едногодишен период посветено работевме на финализирање на отпочнатите реформски приоритети, со целосно почитување на уставната и законска рамка и со доследна примена на високите НАТО стандарди, потврдувајќи ја репутацијата на професионална, независна и отчетна институција. Постигнувањата на Агенцијата пред сé се должат на стратешката заложба за развој на нашите капацитети, како кадровски, така и технички – заложба на која ќе продолжиме да работиме и во иднина. Агенцијата станува пример за симбиоза на искуството на колегите со долгогодишни кариери, и енергијата на младите и способни луѓе и технологии. А тоа е секогаш успешен рецепт за напредок, рече Димовски.

Тој се осврна и на кадровското обновување на составот на АНБ и унапредувањето на знаењата, вештините и компетенциите на вработените, како и на најголемиот предизвик – војната во Украина.

-Руската инвазија врз Украина предизвика сериозни импликации во повеќе сфери и на повеќе нивоа, на што не остана имуно ниту македонското општество. Во тој контекст е и справувањето со дезинформациите и хибридните дејствија кои остануваат во фокусот на нашето внимание, имајќи го предвид разорното и деструктивно дејство и долгорочните последици врз демократските процеси. Нашата стратешка определба за интегрирање во Европската Унија, и носењето на компромисни политички одлуки беше искористена како повод за деструктивни сили кои се обидуваат да ја нарушат стабилноста и безбедноста. И токму благодарение на таа одлична меѓуресорна координација и соработка, овој обид остана токму тоа…„обид”, нагласи Димовски.

Слични содржини