Во Основниот суд Скопје 1, денеска требаше да се одржи судењето против тројца поранешни директори на Македонски Телеком, обвинети дека ја злоупотребиле службената положба, префрлајќи пари на разни сметки со „набилдани договори“ без реално покритие, објави НОВА.

Но, на судењето не дојдоа ниту директорите по кои се трага со меѓународна потерница, ниту судијата, кој веќе две недели бил на боледување, па ги известил нивните адвокати дека судење нема да има, а нов датум ќе одреди кога ќе се врати од боледување.
Станува збор за обвинение од 2011 година, кое го покренало скопското обвинителство против екс директорите во Македонски Телеком: Атила Сендреј, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.
Сите одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување.
Но, по покренување на обвинението, ниту еден од обвинетите не се појавил во Основниот суд во Скопје, по што, судот дал наредба да се распише меѓународна потерница по нив, која понатаму треба да ја спроведе МВР.
Нема информација зошто обвинителството не побарало до сега да им се суди во отсуство. Во овие четири години биле одржани неколку рочишта, но обвинетите за цело време се недостапни за македонскиот суд.
Сепак, многу интересно е како од листата на обвинети го снема гркот Михаил Кефалијанис, кој се споменуваше како клучен играч во перењето пари од Македонски Телеком. Кефалијанис, бил сопственик на фирма во Кипар и поранешен член на Одборот на директори во фирмата „Камени мост“. Во сведочењето пред американскиот суд, екс разузнавачот Слободен Богоевски го споменува Кефалијанис и неговите врски со Кондоминас, за кој биле платени пари за да се повлече потерницата и предметот да се стави „ад-акта“.
Повеќе од текстот на НОВА.