Директорот на администрацијата на општина Лепосавиќ, Радимировиќ уапсен во Србија

од Radmila Tasevska
703 прегледи

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља соопшти дека директорот на Управата во општина Лепосавиќ, Никола Радимировиќ бил уапсен вчера од полицијата на Србија и е задржан во полициска станица во Рашка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља на својата страница на Фејсбук напиша дека Радимировиќ бил приведен само затоа што е дел од косовските институции и затоа што тој и неговото семејство се спротивставуваат на притисокот од Белград.

– Директорот на администрацијата во општина Лепосавиќ, син на заменикот министер во Министерството за враќање и заедници (Радоица Радимировиќ), Никола Радимировиќ, (вчера) е уапсен од српската полиција и испратен во српската полициска станица во Рашка. Тој и неговата свршеница се приведени од единствена причина што Никола е дел од институциите на Република Косово и што заедно со неговиот татко континуирано се спротивставуваат на притисокот на Белград и нивните банди, напиша Свечља.

Тој го поврза апсењето со одмаздата на Србија поради тоа што Косово го доби правото да биде домаќин на Медитеранските игри во 2030 година.

-Ова неправедно апсење е уште еден доказ за деструктивното и дестабилизирачко однесување на владата на Србија и одмазда по успехот што Косово го постигна вчера и нивниот неуспех да ја спречат одлуката Косово да биде домаѓин на Медитеранските игри 2030, напиша Свечља.

Косовскиот прв полицаец побара од Србија да ги ослободи Радимировиќ и неговата свршеница и да престане со притисоците врз косовските Срби.

– Бараме Белград под итно да го ослободи директорот Радимировиќ и неговата свршеница и да престане со притисокот и незаконските дејствија врз граѓаните на Косово, особено оние од српска етничка припадност кои се лојални на својата држава, Република Косово, и се во служба на сите нејзини граѓани, напиша Свечља.

Според косовските медиуми, Радимировиќ бил уапсен на српската страна на граничниот премин Јариње во северно Косово.

Косовскиот портал на српски јазик „КоССев“ објави дека по повод наводите за апсењето на шефот на администрацијата на општина Лепосавиќ побарал коментар од Министерството за внатрешни работи на Србија и од Канцеларијата за Косово и Метохија при Владата на Србија, но досега не добиле одговор од ниедна од тие институции.

– Засега нема одговор од ниту една од овие адреси. МВР на Србија и Канцеларијата за КиМ исто така не се огласиле на нивните официјални веб-страници, а ни (директоро на Канцеларијата за КиМ) Петар Петковиќ сè уште не го направил тоа на своите социјални мрежи, пишува „КоССев.

Слични содржини