Директорот на АНБ со нова истрага за државјанството на Онишченко, следната недела ќе даде отчет

од Nikola Popovski
409 прегледи

Истрагата за случајот со државјанството на Онишченко ќе ја доврши новото раководство на АНБ, да реферира пред Собранието и пред Владата на затворена седница. Потоа ќе се преземаат соодветни чекори согласно наодите од истрагата, рече претседателот на Владата, Димитар Ковачевски за околностите во кои македонско државјанство доби контроверзниот Украинец Александр Онишченко.

Претседателот Стево Пендаровски вчера информираше дека новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски ќе присуствува на собраниската Комисија за надзор над безбедносните служби.

-Новиот директор на АНБ следната недела во вторник или среда најдоцна, пред Нова година, ќе оди на реферирање пред собраниската Комисија за контрола над службите, каде ќе презентира наоди од т.н. новата истрага. Новиот директор дал задача, во формална смисла не знам – дали да се прошири или да се обнови целата постапка за тоа каде може да се лоцира одговорноста, зборувам само во системот на АНБ, кажа Пендаровски.

Претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов веќе го закажал продолжението на Комисијата откако минатата недела таа беше прекината.

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно излезе со соопштение за новиот директор на АНБ.

-Зарко Милошевски е функционерот од АНБ кој ја потпишува позитивната проверка за Онишченко, и тој е значаен фактор од кого зависело дали Онишченко ќе добие дежавјанство или не. Владата мора да го разреши Зарко Милошевски од позицијата директор на АНБ, дотолку повеќе што се спроведува истрага за случајот Онишченко, во кој тој е директно вмешан, а Милошевски да каже каква е неговата улога и во 27 април, порачаа од партијата на Мицкоски.

Седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, која е затворена за јавноста поради класифицираните материјали, почна на 18 ноември, но остана незавршена и беше суспендирана од претседателот на Законодавниот дом, поради безбедносен пропуст, кога дел од отчетот на Димовски за случајот одеше тонски на јутјуб-каналот на Собранието.

По првото продолжение на седницата Димовски изјави дека лоцирано е едно лице во АНБ кое без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО, дало согласност дека за украинскиот државјанин Олексндр Онишченко нема безбедносен ризик.

Во меѓувреме Владата побара одземање на државјанството на Онишченко и спроведува истрага за случајот, а вчера исто така е именуван и нов директор на Агенцијата за национална безбедност. Станува збор за Зарко Милошевски кој досега бил помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ. Досегашниот директор на АНБ Димовски заминува на амбасадорката позиција во Париз.

Слични содржини