Првиот човек на австралискиот тенис Крег Тајли изјави дека тоа што Новак Ѓоковиќ се пријавил за учество на Австралија опен не значи дека ќе игра на тој турнир.
-Она што е објавено е генералниот список на учесници и по природа на работите секој влегува во списокот. Не е обврзувачка листа и не пишува кој точно ќе биде во главниот ждреб, кој доаѓа за неколку недели – изјави Тајли.
Австралиските медиуми во претходните денови пишуваа дека е можно Ѓоковиќ да побара медицинско ослободување за да може да настапи во Мелбурн без вакцината, но Крег Тајли ја отфрли таа опција.
– Веднаш да биде јасно, никој не може да игра на Австралија опен ако не е вакциниран. Или двојна доза од вакцината или една од Џонсон и Џонсон, која исто така е одобрена. Единствената опција освен да се вакцинирате е да се натпреварувате доколку сте добиле оправдување за медицинско ослободување од австралиските власти. Сум видел извештаи во некои медиуми. Досега нема одобрени медицински исклучоци – изјави директорот на Австралија опен.
Конечно имаше образложение кој и по кој основ одлучува за посебни пропусници за невакцинирани лица.
– Постои независен панел од медицински експерти кои разгледуваат примерок од барањето за изземање. Потоа оди на стручна комисија и тие ја носат одлуката. Јасно е дека меѓународните тенисери ги имаат истите услови како и сите што доаѓаат во Викторија и Австралија. Нема можност за никаков попуст во таа смисла, освен одобрениот медицински исклучок – објасни Крег Тајли.