Состојбата на осумте жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кои вчера вечерта беа донесени во софиската болница „Пирогов“, е крајно сериозна, изјави утрово на прес-конференција директорот на здравствената уставнова, д-р Валентин Димитров.
„Прерано е (да се каже)“, рекол, додавајќи дека во моментов се прават бројни тестови за да се проценат понатамошните активности на медицинскиот тим.
Тој информира дека во текот на ноќта кај нив биле примени 8 пациенти, од кои 3 се деца до 18 години и 5 пациенти со просечна возраст од 20-25 години. Најстариот има 31 година. Тројца се интубирани.
„Настраданите имаат повреди на телото, горните екстремитети и лицето, како и изгореници со вдишување на горните и долните дишни патишта, што дополнително ја отежнува нивната состојба“, додал здравствениот работник.
„Ова е голема трагедија. Сите пристигнаа во многу тежок термички шок, во кој се 24 часа – ова е многу тешко за секој организам“, кажал првиот човек на „Пирогов“.
Вкупно 59 лица загинаа, а 155 се повредени во пожарот во дискотеката во Кочани.
Бугарија се понуди да прифати 14 лица на лекување. Уште шестмина од повредените се примени во болницата во Варна и во болницата „Свети Ѓорѓи“ во Пловдив.