„Националноста, како што знам, е прашање на самоопределување. Така правиме попис, си кажуваме како се чувствуваме, ако некој сака, може да се потпише како што сака“, напишал генералниот директор на Бугарската национална телевизија, Емил Кошлуков на својот Фејсбук профил.
Тој ги коментирал неодамнешните тензии меѓу Бугарија и С. Македонија и според него, тоа што не може да се смени е историјата.
„Може да ја прочитате, толкувате, дискутирате за неа, но не може да измисли нова историја. Затоа ние ја нарекуваме историја, затоа што не е новост, таа веќе се случила. Во име на БНТ, ќе испратам писмо до МРТ за да им понудам меѓусебна соработка на моите колеги од јавната телевизија во Скопје.
Верувам дека ова е нашата улога да придонесеме за разбирање преку заеднички продукции, преку заеднички предавања и врски меѓу нас. Омразата може да престане само ако се запознаеме подобро. Историчарите ќе разговараат за историјата, политичарите ќе прават политика, но ние можеме значително да им помогнеме.
И за нас и за Македонците ќе биде тешко да ги надминеме стереотипите и насобраните предрасуди. Но, ако решиме да снимаме филм за Пејо Јаворов и Гоце Делчев, нема начин да разговараат со преведувач, нели?
Треба да најдеме излез од оваа ситуација “, напишал генералниот директор на БНТ.