Основниот кривичен суд во Скопје одреди 30-дневен притвор за Мухсин Арифи, директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, поради сомневања за примање поткуп од 20.000 евра. Со него, во притвор е и уште едно лице, осомничено во истиот случај.
Како што информираат од судот, мерката е определена по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Судот оценил дека постојат основи за притвор, вклучувајќи опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, како и основано сомнение за повторување на делото.
„Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и донесе одлука за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Кривичниот суд.
Странките во постапката имаат право на жалба пред Кривичниот совет.