Во соработка со тимови од специјализирани центри од странство, во Градската општа болница „8 Септември“ се изведуваат операции за отстранување на изумреното ткиво оштетено од изгорениците, со цел да се создадат услови за заздравување на раните. Ова денеска го истакна директорот на болницата, д-р Синиша Стојановски, на прес-конференција во Владата.
„Утрово хируршки беа третирани 15 пациенти, а во текот на денот е планирано интервенции да се извршат и кај уште тројца пациенти“, информира Стојановски.
Тој нагласи дека изминативе денови не само што се следела можноста за потенцијално влошување на состојбата кај пациентите, туку се санирале и повредите кај оние кои не биле критични во првата фаза.
„Процесите на тријажа, мониторирање и прераспределба на пациентите според тежината на нивната клиничка слика се одвиваа паралелно. Во континуитет се прават преврски на раните, а изумреното ткиво се отстранува за да се овозможи заздравување. Токму во таа насока се и хируршките интервенции“, објасни Стојановски.
Тој додаде дека операциите се неопходни поради обемот на изгорениците кај пациентите, а не затоа што тие се во животозагрозувачка состојба.