Директорот на „Идризово“ бара подобра соработка со Зибери откако правобранителот најави кривични за прекумерна сила за специјалците и затворските полицајци

од Nikola Popovski

Апел до правобранителот да ја интензивираме нашата соработка бидејќи ни е сведена на минимум. Кога би имале подобра соработка не би доаѓало до вакви инциденти, изјави денеска директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски запрашан како ги коментира изнесените информации на народниот правобранители Насер Зибери за тортура и прекумерна сила на припадниците на специјалните полициски сили и затворските полицајци при претресот во затворот во октомври.

Според Јовановски, претресот бил направен од МВР и сите останати прашања треба да се упатат до нив.

-Ние како Управа на затворот постапуваме по нашите правила и закони. Досегашната соработка со правобранителот не е доволна, кажа Јовановски.

Од обезбедениот доказен материјал, Зибери денеска на прес-конференција рече дека е констатирана употреба на прекумерна сила врз затворениците кои биле врзани, додека полицијата ги удирала по телото, рацете и нозете.

На 28-ми октомври годинава, десет полицајци биле повредени откако биле нападнати од затвореници во затворот Идризово додека вршеле претрес. Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи  (МВР), полициски службеници од Бирото за јавна безбедност во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, по претходно добиени оперативни сознанија и наредба за претрес од Основен кривичен суд Скопје, извршиле претрес во Казнено-поправната установа Идризово.

Во Полуотвореното одделение при претресот биле пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога.

Полициските службеници претерале со тепањето во Идризово, покажа извештајот на народниот правобранител во ноември. Снимките се прегледани, тврди омбудсманот Зибери и додава дека се прекршени правата на затворениците.

Слични содржини