Директорот на ЈСП има „одредени сознанија“ по пожарот во „58-ка“

од Nikola Popovski
37 прегледи

Директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски се сомнева и поради тоа ќе се испитува друга можна позадина за вчерашниот пожар и горење на еден од автобусите (број 58) на јавното градско претпријатие во скопско Сопиште. Според него, причината најверојатно е електричната инсталација. Се претпоставува дека пожарот избил од моторот.

„Имаме одредени сознанија. Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно од разни нему познати причини може да придонесува за неколку пати да се случуваат вакви работи“, смета Кушовски.

По направениот увид од МВР, причините за несреќата допрва ќе се утврдуваат.

„Денеска (25.01.2025) околу 12:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека кај кружниот тек во с.Сопиште, скопско, настанал пожар во автобус на ЈСП во движење. Притоа, едно лице вдишило чад и на местото му е укажана помош од екипа на Итна медицинска помош, а други повредени лица нема. На местото излегла екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје“, информираат вчера од Скопската полиција за деталите.

Ова не е првпат да избувне пожар во автобус на ЈСП. Лани тоа се случи во скопски Бутел, а имаше пожар и во автобус кој беше паркиран под Железничката станица.

Друг автобус на ЈСП со број 2 заврши на бетонските жардиниери во близина на ТЦ „Мавровка“. Тогаш дојде обвинување од возачот дека воланот му се закочил и не можел да го исконтролира автобусот.

Слични содржини