Директорот на „Македонски шуми“ го демантира ВМРО-ДПМНЕ: Анкетниот лист е навремено доставен

од Nikola Popovski
186 прегледи

Директорот на ЈП „Македонски шуми“ Валентин Груевски ги демантира наводите на ВМРО-ДПМНЕ за прикривање на неговиот имот, како дел од аферата „Тајни имоти“.

Тој на Фејсбук објави неколку факти за него.

-Куќата во Битола е од 1985 година, наследство од мојот татко и во неа живеам со сопругата над 20 години. Куќата” во Ресен, с. Курбиново, е со големина од цели 22 м2 и истата е 1/4 од стара куќа, градена пред 50-тина години. Наводно сум го скрил и Голфот, пријателите мои го знаат, производство 2009 година.( не знам зошто би го криел). Анкетниот лист е навремено доставен, за што во прилог ги поставувам и препорачаните пратки до ДКСК, објави Груевски.

Тој побара извинување од ВМРО-ДПМНЕ, за како што вели, да се поправат работите.

Партијата вчера изнесе уште три имиња како дел од наводната афера со прикриени имоти.

-Имот крие и директорот на ЈП Македонски шуми, Валентин Груевски, Имено, од претходниот анкетен лист на Валентин може да се види дека поседува куќа во Битола и автомобил Фоксваген Голф, а неговиот брачен другар поседува куќа во Ресен. Дали има промени, и зошто не го пријавил иако веќе бил функционер и знае дека тоа му е обврска?, изјави вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу и адвокатот Ивица Јевтиќ во изјави за „Локално“ се огласија по ваквите обвинувања. Муслиу порача дека неговиот имот е заведен во Катастер на негово име и дека не е државен функционер. Јевтиќ информира дека нема поднесено анкетен лист, но ќе сноси одговорност доколку од него побара Антикорупциската комисија.

ВМРО-ДПМНЕ за денеска најави дека ќе продолжи со објавата на имиња кои според партијата се дел од наводната афера.

Слични содржини