Директорот на музејот во Аушвиц: Повторно се раѓаат популизмот и ксенофобијата

од desk2
82 прегледи

Европа и светот се соочуваат со повторно раѓање на популизмот и говорот на омраза, антисемитизмот, ксенофобија и избегнување на одговорноста, оцени Пјотр Цивински, директорот на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау, истакнувајќи дека тоа историско место е доказ до каде може да доведе човечката омраза и недостигот од реакција на злото, пренесе Dnevnik.hr.

„Сведочиме на повторно раѓање на најлошите видови на популизмот и ксенофобијата… и тоа е многу вознемирувачко“, им кажа на новинарите Цивински кој од 2006 година е директор на музејот во полското место Ошвјенчим.

Токму Аушвиц „е доказот до што може да доведе омразата“, истакна тој неделава на меѓународниот семинат за новинари, истакнувајќи дека музејот „се обидува да го прикаже механизмот на злото кое тука се случило и како луѓето да се поттикнат да размислат и да ја анализираат својата одговорност денес“.

А денес, смета тој, од морална гледна точка воопшто нема сомнеж дека е „значително полошо“ отколку што било пред Втората светска војна.

Тој објасни дека тогаш била војна, дека за помагање на Евреите казната била смрт, а информациите бавно се ширеле.

„Денес знаеме сѐ, и тоа во реално време. Не сме во војна. А помош нема нешто повеќе од тоа време“, кажа тој.

Цивински истакна дека музјот Аушвиц-Биркенау покрај семинарите организира и други конференции и собири, за млади луѓе, наставници и професори, судии и полицајци, дипломати, па дури и за затвореници. Меморијалниот центар организира собири и во други градови и земји.

Геноцидот почнува со зборови

Павел Савицки од канцеларијата за медиуми, кој ги прошета новинарите низ Аушвиц и Аушвиц 2-Биркенау, истакна дека геноцидот не почнува со убиства.

„Сите злосторства почнуваат со зборови“, кажа тој. „Немањето реакција на зборовите е забрзувач на сѐ што следи“.

За Савицки неговите соработници кажуваат дека бил водиш низ озлогласениот логор на смртта на голем број шефови на држави, премиери, славни личности.

„Ниеден музеј не може да пружи вакво искуство бидејќи посетата на Аушвиц не е како поста на Музејот на холокаустот во Вашингтон или Јад Вашем, ова е автентично место. Тоа не е музеј за нешто што се случило далеку, туку тука“, вели Савицки.

Од 14 јуни 1940, кога првата група од 728 полски политички затвореници била одвезена во логорот, сѐ до неговото ослободување на 27 јануари 1945, во Аушвиц биле депортирани 1,3 милиони луѓе, меѓу кои 1,1 милиони Евреи, од кои настрадале повеќе од милион, главно од Унгарија и Полска.

Вкупно во Втората светска војна биле убиени шест милиони Евреи.