Болничкиот комплекс Ал-Шифа, најголемиот во Газа, денеска останал без гориво, сите операции биле прекинати, а едно бебе починало во инкубатор, јавуваат агенциите повикувајќи се на изјави на официјални лица кои тврдат дека болницата е под оган од израелските сили.
„Нема струја. Сите медицински зафати се стопирани. Пациентите, особено оние на интензивна нега, почнаа да умираат“, рекол директорот на Ал Шифа, Абу Селми за АП, зборувајќи по телефон среде звукот на истрели и експлозии.
Тој истакнал дека израелските војници „пукале во секого надвор или внатре во болницата“ и спречиле движење меѓу зградите во комплексот.
Ашраф Ал-Кидра, портпарол на Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас, изјавил за Ројтерс дека „едно новороденче починало во инкубатор, каде што има уште 45 бебиња“.
„Ситуацијата е полоша отколку што некој може да замисли. Ние сме опкружени во медицинскиот комплекс Ал Шифа“, рекол Ал-Кидра во телефонско интервју.
Тој изјавил дека „окупациските сили пукаат во луѓето кои се движат во комплексот“ и дека тоа ја ограничува способноста на персоналот да се движи од еден во друг оддел.
Запрашан за извештаите за напад на израелските војници врз основа на болницата Ал Шифа, портпаролот на израелската војска Питер Лернер рекол само дека војниците се „во средината на тековните интензивни борби против Хамас во близина на областа“.
Лернер соопштил дека војската ги презема сите можни мерки за да спречи штета на цивилите.