Директорот на СОЗР: Потребен е нов владин авион – можеби и половен со барем 14 седишта

од Nikola Popovski
172 прегледи

Владиниот авион е во функција, денеска треба да оди во Виена на вонреден сервис. Неколку пати сум кажал во јавноста дека имам чувство како да се распаѓа. Не дека не се одржувал во минатото, но најверојатно е старост на авионот и не може да ги издржи годините, изјави синоќа директорот на СОЗР при Владата, Ивица Томовски.

Според него, потребен е нов владин авион со кого би се превезувале владините функционери кога одат на посети во странство. Авионот е стар дваесетина години.

-Многу често ни се случуваат дефекти. Сега е на сервис бидејќи протекува гориво од резервоарите. Тоа е сериозен проблем. Претседателот на Собранието беше приморан да се враќа во Македонија со редовни летови и други проблеми кои произлегуваат од одржувањето. Немаше полетување со него…, додаде Томовски во емисијата на „360 степени“, емитувана на МРТ.

Директорот на СОЗР размислува за ново решение, со оглед, како што вели, мораме да имаме сериозен воздухоплов. Моменталното летало има само шест седишта.

-Можеби и половен авион, но, не постар од 2-3 години. Сериозно е да имате сериозно летало. Сум разговарал со повеќе лица и кај сите има заинтересираност да дискутираме околу набавка на нов, поголем авион со барем најмалку 14 седишта, за да собере поголема делегација, истакна Томовски.

Тој додаде дека нов авион би чинел од 30 до 40 милиони евра па нагоре, а опцијата за половен авион би чинела околу 15 милиони евра.

Владиниот авион со кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова требаше да лета за Париз на отварањето на реновираната катедрала Нотр Дам, се расипал на 3 декември 2024 година. Со него патувал претседателот на Собранието Африм Гаши во Стокхолм, Шведска.

Слични содржини