Иако изминатиот период бевме сведоци на историско признавање на Палестина од страна на поголем број на западни земји, како што се Велика Британија, Португалија, Франција, Македонија се уште останува воздржана околу ова прашање и засега не планира да ја признае државата.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски е на ставот дека во момент кога земјите членки на ЕУ немаат изградено консензус, не е време ние да истапуваме со каква било одлука во однос на Палестина. Според Муцунски, не треба импулсивно и емотивно да реагираме, туку дисциплинирано и внимателно.
Од Иницијативата „Сите за Палестина“ за „Локално“ велат дека повикувањето на „дисциплина“ е начин да се оправда откажувањето од сопствените правни и морални обврски.
–Министерот Муцунски вели дека Македонија не треба да биде „импулсивна и емоционална“, туку „дисциплинирана“. Таквите зборови звучат разумно, но во практика служат како изговор за пасивност и прикривање на политички избор: да не се застане на страната на 157 држави кои веќе ја признаа Палестина, да се сврти погледот од геноцидот и секојдневните убиства на деца, велат од Иницијативата.
Тие потенцираат дека вистинска дисциплинираност денес би значела придржување кон Конвенцијата за геноцид, која нè обврзува активно да спречуваме и казнуваме вакви злосторства, не да молчиме.
„Сите за Палестина“ се на ставот дека наместо да води политика заснована на меѓународното право и историската правда, Македонија соучествува во одржувањето на окупацијата, апартхејдот и геноцидот.
-Додека декларативно зборуваме за човекови права, во пракса одбиваме да преземеме чекори, иако сме членка на Советот за човекови права на ОН до 2027 година, потенцираат од Здружението.
Од Иницијативата потсетуваат дека Македонија, како дел од Југославија, во 1988 година беше меѓу првите земји што ја признаа Палестина.
-Првиот југословенски амбасадор за Палестина беше токму Македонецот Луан Старова. Југославија не само што ја призна Палестина, туку ја отповика и дипломатската мисија на Израел, воведе санкции и активно учествуваше во специјалната комисија на ОН за одбрана на правата и достоинството на палестинскиот народ под окупација. Тоа беше политика доследна на антифашистичкото и антиколонијалното наследство, велат од „Сите за Палестина“.
Како што потенцираат, по осамостојувањето, Македонија молчешкум се повлече од оваа позиција.

Протест за признавање на Палестина. Фото: Фејсбук
-Како да заборави дека и самата била земја што се борела за признавање и право на самоопределување, денес ја поддржува неправдата врз друг народ. Тоа е дволично и сурово, и покажува до кој степен надворешната политика е зависна од туѓи центри на моќ, без вистинска автономија. Во меѓувреме, држави од ЕУ и регионот го презедоа токму спротивниот чекор. Словенија, на пример, како мала држава и членка на ЕУ, ја призна Палестина во јуни 2024 и со тоа испрати јасна порака дека лидерство не е прашање на големина, туку на политичка волја и принципиелност. Наместо да чека консензус, Словенија помогна да го обликува, додаваат од Иницијативата.
На прашање колку причината за непризнавањето е тоа што нашите два најголеми стратешки партнери – Соединетите Американски Држави и Германија, одбиваат да ја признаат Палестина, од „Сите за Палестина“ одговорија дека многу држави кои, исто како Македонија, имаат блиски односи со САД и Германија, меѓу кои Словенија, Ирска, Шпанија и Норвешка, веќе ја признаа Палестина.
Во однос на САД и Германија, од Иницијативата велат дека тоа се земји кои често се претставуваат како глобални бранители на човекови права и демократија, но нивниот кредибилитет сериозно е нарушен.
-Значи, „усогласување со стратешките партнери“ не е обврска, туку политички избор. Политиката на САД и Германија кон Израел и Палестина е сè потешко одбранлива: се игнорираат масовни злосторства, изгладнување на населението и систематско уништување на цивилна инфраструктура. Како земји кои често се претставуваат како глобални бранители на човекови права и демократија, нивниот кредибилитет сериозно е нарушен, појаснуваат од „Сите за Палестина“.
Нивниот став е дека ако навистина ги сметаме за партнери, тогаш треба да им укажеме на штетата што ѝ ја нанесуваат на сопствената репутација, наместо Македонија да го следи нивниот пример и да си го нарушува сопствениот углед преку премолчено соучесништво.
Дополнително, потенцираат, Македонија како мала држава има особена потреба да се потпира на меѓународното право за да ги заштити своите интереси, од територијален интегритет до решавање на билатерални спорови.
-Ако денес одлучиме да го игнорираме меѓународното право во случајот со Палестина, утре не можеме да очекуваме другите држави да го почитуваат тоа право кога станува збор за нашите национални прашања, велат од Иницијативата.
Потенцираат дека таквото однесување директно го поткопува нашиот кредибилитет и безбедносни позиции во меѓународниот систем.
Од Иницијативата за во сабота најавија протестен марш во солидарност со палестинскиот народ, кој ќе започне во 12 часот пред споменикот „Симфонија на мирот“, спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје.
Протестот ќе заврши пред Владата.
Б.Т.