Дискотеката „Привилиџ“ пред која до смрт беше претепан хрватскиот ракометар Денис Тот немала лиценца за работа велат од Државниот пазарен инспекторат.
-Даден е налог да се изврши инспекциски надзор и мерките се согласно закон за угостителска дејност – издавање на решение за привремена забрана за вршење на дејности и издавање прекршочни платни налози, велат во изјава за „Локално“ од ДПИ.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека немало обид за сокривање на убиството на ракометарот Денис Тот.
-Постојат повеќе причини што била причината за настанот. Според изјавите кои ги имаме, тоа е лично недоразбирање меѓу девојката и момчето. Сочувство до семејството на починатиот и да отфрлам сето она што деновиве се пласира во јавноста за наводно криење на овој случај. Во ниту еден момент нема никаков застој во истрагата. Веднаш по добивањето на информацијата, која не е добиена од лице место за нарушување на јавен ред и мир за тепачка, туку од Клиничкиот центар нашите екипи се излезени и започнуваат истражните дејствија. Немаме запирање во ниту еден момент, се до целосното расчистување на случајот со поднесување на кривичните пријави во рок од 24 часа. За едно лице се трага. Ќе се распишуваат меѓународна и домашна потерница, кажа Спасовски.
Во полиција, изјави за настанот дал сопственикот на клубот „Привилиџ“ каде бил претепан Тот, како и вработена. На видео снимка детално се гледа настанот како се одвивал.
-Првичната информација ја даваме на база на она што ни го кажуваат од Клиничкиот центар. Понатаму има гледање на камери, истражни дејствија, повикување на сведоци, како сопственикот на дискотеката, вработената. Тие се повикани во четвртокот на пладне. Сите лица кои биле од интерес на истрагата се повикани во полициска станица и заведени, додава Спасовски.