Премиерот Христијан Мицкоски денеска отфрли дека било која агенција за обезбедување која обезбедува дискотеки има врска со ВМРО-ДПМНЕ и тоа најостро го демантира. Вели дека не сака да се „растураат пердуви во јавноста со вакви констатации“.
-Ако ми дадете еден доказ, утре ќе поднесам оставка, ако не, да се извинете, бидејќи ја споменавте. Дали се чувствувале комотни? Очигледно комотни, но, дали ќе се чувствуваат и понатаму, јас за жал не можам да го вратам времето назад и да корегирам се од претходно. Дали тие што отвораат втора, трета врата, ќе ги исполнат техничките услови? Не, нема да ги исполнат. Минимум техничките услови побаруваат многу други услови. Втора врата не значи исполнување на минимум услови. Откако ќе констатираме колку од овие лиценци се важечки и колку се дадени како на локалот во Кочани, ќе следат законски измени и ќе се формира работна група. Тоа е криминал и растурен систем и поединци кои мислат дека се над системот. За ова ќе одговараат. Обвинителот рече дека ќе бараат најстрога казна. Барем ова да ни биде опомена никогаш да не се повторат вакви работи, кажа премиерот по посета на повредените од трагичниот пожар во Општина Кочани во ГОБ 8 Септември Скопје, откако една новинарка му кажа дека една дискотека во земјава во меѓувреме веќе отвора уште една врата, покрај постоечката, за да се прилагодат на условите што ги наложува законот.
Од денеска започнува теренска контрола на сите субјекти регистрирани како кабаре, дискотеки или ноќни клубови по што властите ќе излезат со детални информации. Почнувањето на контролите вчера го најави премиерот по координативниот состанок со директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, на кој се разговарало за досегашните постапки кои се преземани од надлежните институции и опсежната анализа за сите субјекти, регистрирани како кабаре или дискотеки, ноќни клубови.