Инвеститорот на објектот што се гради пред трговскиот центар „Мавровка“ и натаму останува анонимен за Општина Чаир. Затоа, од утре ќе има соопштение во дневните весници и во службен весник со цел да се пронајде и извести сопственикот на дивоградбата кај Мавровка, дека таа е нелегална и треба да се урне.
„Доколку уривањето не се изврши од самиот инвеститор и во рамките на предвидениот рок, тоа ќе го направи Општина Чаир“, изјавил градоначалникот Висар Ганиу и соопштил дека тоа ќе се случи откако Општината ќе избере компанија за уривање на објектот.
Законскиот рок за уривање е 8 дена и започнува од утре.
Во меѓувреме, веќе два дена се прекинати градежните работи на објектот пред Мавровка. На ова место до лани постоеше кафулето Фонтана кое изгоре во пожар. Наместо тенда од времен карактер, на местото никнаа столбови широки еден метар кои се поставени на цврста бетонска подлога.