Чистењето на малата депонија со линдан во кругот на Охис се очекува да започне наскоро, по доцнење од неколку месеци, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина и најавија редовен надзор над спроведувањето на чистењето.
– На 23-ти декември се изврши вонреден инспекциски надзор во кругот на АД “ОХИС” Скопје. Во надлежност на инспекторатот се 6 инсталации, од кои една со А-интегрирана еколошка дозвола (НЈСК ХОЛДИНГ, за производство на масло од канабис), а другите се главно компании што вршат складирање на опасен и неопасен отпад. Направен е надзор над три субјекти: Еко-центар, Езо-тех и Галванотехна – велат од ДИЖС и додаваат:
„При надзорот Еко-центар вршеше препакување на хемикалии од историското загадување, нивно припремање за извоз и финално отстранување во странство. Активностите се реализираат во согласност со План за празнење и преточување на опасни хемикалии, а со примена на мерки за заштита на работниците. Ќе се вршат дополнителни надзори за следење на емисиите при преточувањето“.
Компанијата Галванотехна врши површинска обработка на метални производи и во моментот се подготвува за почеток на работа. Од технолошкиот процес се очекуваат отпадни води што ќе мора да се пречистуваат. Надлежен инспектор ќе изврши надзор по пуштањето во работа.
– Од технолошкиот процес се очекуваат отпадни води што ќе мора да се пречистуваат. Надлежен инспектор ќе изврши надзор по пуштањето во работа – велат од Инспекторатот.
Според нив, Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи да врши сеопфатен надзор над работата на инсталациите во кругот на ОХИС, а особено над постапувањето со опасен отпад, анализирајќи ги договорите на компаниите што имаат дозвола за транспорт и складирање. Ќе се анализираат и транспортните формулари, за да се следи од каде се собира опасниот отпад, кој го транспортира и каде се отстранува. Овие анализи можат да откријат потенцијални нерегуларности што ќе бидат предмет на идни надзори.