ДИЖС со решение да се отстранат изгорените отпадни гуми кај Желино

од Vladimir Zorba
240 прегледи

На местото каде гореа отпадни гуми во близина на тетовско Желино, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) извршил вонреден инспекциски увид, а најавено е решение според кое опожарените остатоци треба да се отстранат. Воедно, требало да се направи повторно доведување на локацијата во првобитната природна состојба.

– ДИЖС ќе изготви решение за отстранување на отпадните гуми од плацот и целосно расчистување на истиот, како и ремедијација на опожареното место. Вонредниот инспекциски надзор се изврши во поранешниот склад за секундарни суровини „Еуро суровина хит“ кој поседувал дозвола за собирање, преработка, третман и складирање на неопасен отпад со важност до 2022 година, а одговорното лице во правно лице – управител, изјави дека од декември 2021 не ја врши повеќе дејноста – субјектот е затворен, што е констатирано при инспекциски надзор и записник за констатација од 10.05.2022 година. На државниот инспектор за животна средина му беше доставен на увид – договор за соработка со Друштво за собирање примарна преработка на отпадоци „Екоцентар 97“ ДОО Скопје од 25.01.2018 година за преземање на отпадни гуми, пишува во информацијата на ДИЖС.

Оттаму информираат дека имаат координација со тетовското Обвинителство и СВР Тетово, заради целосно документирање на случајот и пронаоѓање на сторителите и нивно санкционирање.

– Државниот инспектор за животна средина, при надзорот на лице место на посочената локација, констатираше дека има пожар од поголем размер, кој избувнал од непознати причини и непознат сторител, при што ги зафатил отпадните гуми што биле во истиот склад. Физичкото лице Јусуф Алии изјави дека се сомнева дека до пожарот дошло од запалените соседни ниви – стрништа, стара трева и други органски отпадоци, во соседство на складот, информираат од ДИЖС.

Пожарот во средата избувна околу 12 часот и 30 минути и беше изгаснат по неколку часа. СВР Тетово најави дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот – кој и зошто ги запалил гумите, а што претставува кривично дело „загадување на животна средина и природата“, согласно член 218 од Кривичниот законик.

Слични содржини