Џафери: Можноста 20 пратеници да побараат свикување нова седница не е и обврска за претседателот да свика седница

од Stefanija Kuzmanovska
322 прегледи

Можноста дваесет пратеници да побараат свикување нова седница не е и обврска за претседателот на Собранието да свика седница, изјави претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на почетокот на денешната нова 125. седница одговарајќи на барањето на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ да се свика продолжение на 123. седница за да се гласа за уставните измени.

На почетокот од 125 седница во Собранието, претседателот одговори дека основот на барањето е несоодветен.

„По однос на барањето, мислам дека основот не ви е соодветен, да побарате свикување на прекината седница. За нова седница е неспорно, можете да побарате, но, тоа е повторно можност да побарате, но не и обврска за да се свика седница. Правниците тоа си го знаат. Свикување седница, покрај другото може да побараат 20 пратеници. Претседателот може да свика седница по барање на 20 пратеници. Може, што значи и не мора. Така што, да сме начисто со тоа. Ниту множев, ниту делев, а кој се множи сам себеси тоа си е негов проблем“, рече Џафери.

Тој дополни дека продолжението на прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието.

„Ставот 5 од членот 81 е јасен, прецизен и дециден во смисла на тоа дека прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието, кога ќе продолжи со таа седница. Впрочем, како што и многу други седници стојат и чекаат продолжение поради одредени работи кои што и вам и на јавноста претходно им се познати, а тоа е поради неработењето на соодветните комисии“, рече Џафери.

Тој дополни дека 123. седница ќе продолжи тогаш кога ќе има услови да продолжи.

Слични содржини