Џафери на патот Кичево – Дебар: Регионално се поврзуваме, за слободно движење на граѓаните, по европските стандарди

од Stefanija Kuzmanovska
595 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска беше во посета на Oпштина Дебар. Премиерот Џафери се информираше за динамиката на изведување на градежните активности на патот Извор – Гарски мост, по што даде изјава за медиумите.

Премиерот Џафери, беше и на местото каде се изведува реконструкција на ХМС „Дебарско Поле”.

Во продолжение е интегрален текст од изјавата на премиерот Џафери:

„Почитувани присутни, почитуван министре, директор на ЈПДП, градоначалници на Дебар и Маврово Ростуше, надзорен орган и работници секако во реализација на оваа работа,

Се наоѓаме на една од контролните точки за надгледување на процесот за изведување на работи, за реализација на проектот изградба на патот Извор – Дебар, односно Кичево – Дебар. Пат кој е многу значаен, имајќи предвид дека ќе овозможи поврзување на регионот, Горна река, Средна река, Долна река, односно Дебар – Кичево со сите населени места кои гравитираат во регионот. Особено бизнисите кои се отворени, кои ќе се отворат, ќе ја имаат можноста за пократка и побрза комуникација и поврзување на Коридорот 8 за да се олесни и да се скрати времетраење од производството до местото на распределбата и потрошувачите.

Значењето е големо на оваа делница од патот, покрај поврзувањето тесно, регионално внатре во државата, значајно е и во контекст на меѓу-државното поврзување, скратување на комуникација помеѓу соседните држави, значи Република Северна Македонија и Република Албанија. Така што, и за граѓаните кои ќе може да гравитираат во двете насоки е олеснување, како и што кажав претходно за бизнисите.

Делницата е во должина од околу 20 километри и според проекциите би требало да чини околу 20 милиони евра. Реализацијата е предвидена до крајот на годината да се заврши и да се пушти во употреба. Во оваа фаза ги гледаме изведување на работите и колку што може да видиме. За изведба нема многу што да гледаме за око, бидејќи кога ќе биде на крајот завршен проектот ќе може да се види и ситуацијата по однос на квалитетот на извршувањето на работите но тоа е работа која треба секојдневно да ја следи надзорниот орган и гледаме дека е присутен при изведување на работите и нема сомнеж дека соодветно ќе биде изведено според проекциите.

Иако оваа делница во 80-те години била дел од оние планови во бившиот систем за одбранбени цели, секако овој проект ја има сосема изменето идејата за користење на патот. Наместо за одбранбени работи ќе се користи за слободно движење на граѓаните и тоа е во контекстот за нашето приближување и достигнување на европските вредности, во смисла на слобода на движење на роба, луѓе, капитал и се што следствено на тоа си оди.

Покрај тоа ќе може да се користи и убавината на просторот. Само по себе и во оваа сезона се гледа убавината. Во тој контекст ќе треба сите да придонесеме и во заштита на природата затоа што тоа е контекстот во смисла на се она што е можно да се користи од природата но соодветно и да и возвратиме на природата во смисол на нејзина заштита и сочувување.

Така што, преостанува да се заблагодарам на сите кои придонесоа да се дојде до оваа фаза и се надевам дека изведувачите ќе ги достигнат оние рокови кои се предвидени во договорот. На крајот на годината, како што е планирано да дојдеме и свечено да го пуштиме во употреба и овој патен правец, кој ќе овозможи блиска и побрза комуникација со Коридорот 8 и со тоа фактички и за бизнисот и за граѓаните ќе биде олеснително за да може побрзо да се одвива комуникацијата и достапноста до сите други институции. И на централно ниво, но и секојдневно за граѓаните кои гравитираат во овој дел“.

Слични содржини