Џафери на средба со бугарскиот колега: Уставните измени се последниот чекор што ќе го направиме

од Nikola Popovski
349 прегледи

Денес, на маргините на Меѓународната конференција за одбележување на Меѓународниот ден на парламентаризмот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Националното Собрание на Република Бугарија, Росен Желјазков.

На почетокот на средбата двајцата претседатели изразија задоволство што за кратко време, по средбата во мај во Рим, се среќаваат повторно, што е позитивен знак за интензивирање на односите по изборите во Бугарија и верификацијата на мандатот на Националното Собрание.

Претседателот Желјазков истакна дека одблиску ја следат динамиката на политичките изјави во Република Северна Македонија. Нагласи дека во двете држави има одредени политичари кои упатуваат изјави кои не се во линија со тонот на комуникација кој е потребен во моментов, а таквите изјави се со цел добивање дневно политички поени, а не далекугледост на зрели политичари кои споделуваат заедничка цел. Г. Желјазков истакна дека следната седмица треба да се изберат Групите за соработка и делегациите во бугарското Собрание, со што ќе се овозможи непречена комуникација меѓу двете собранија и реализација на посети на различни нивоа.

Претседателот Џафери истакна дека Собранието е подготвено да постапи во согласност со своите надлежности и уставно предвидените процедури и рокови од моментот кога овластен предлагач ќе ја достави иницијативата за уставни измени до Собранието. Г. Џафери го информираше Желјазков за процедурата и за времетраењето на процесот на усвојување на уставните измени.

Нагласи дека процесот не е лесен, но е неопходен за нашиот напредок кон Унијата. Претседателот Џафери искажа уверување дека ова е последниот чекор којшто Република Северна Македонија ќе го направи за да ги отвори пристапните преговори со Европската Унија.

Слични содржини