За мене, како мандатар на оваа влада, нема разлика дали станува збор за еден или 100 дена, за техничка или преодна влада. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија, истакна мандатарот на техничката влада Талат Џафери пред пратениците на седницата за избор на оваа влада.
Џафери повтори дека го прифаќа мандатот со задоволство и полна одговорност, со ветување дека совесно и врз основа на Уставот и законите, владата и преговорите за нејзино формирање ќе ги води согласно политичката потреба и состојба во државата, со надеж дека предложените министри ќе ги исполнат очекувањата на актуелната ситуација и над се, со одговорност кон граѓаните.
Овој состав на владата го предлага врз основа на меѓусебниот политички договор помеѓу лидерите на најголемите политички парламентарни партии во Собранието, што од 4 декември 2023 година, кога се дефинираше рокот за одржување на редовните претседателски избори на 24 април и 8 мај и на редовните парламентарни избори на 8 мај 2024 година и се донесе одлука за формирање на преодна влада.