Имајќи го предвид постигнатиот напредок во спроведувањето на клучните реформи, ни треба редовен взаемен дијалог со Унијата и јасна временска рамка за доделување на членство како признание на досега постигнатото. Сметам дека понатамошното одложување на процесот на пристапување би можело да го доведе во прашање угледот на Унијата како доверлив партнер и нејзината водечка геополитичка улога. Тоа остава простор за појава на националистички и ретроградни процеси и охрабрување за трети страни да го зајакнат својот интерес во регионот, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери во воведното излагање на отворањето на Конференцијата за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан.
Тој посочи дека сега е вистинското време за сите политички партии кои во своите програми се залагаат за евроинтеграција, да ја демонстрираат својата посветеност и на дело.
-По 17 години чекање, влегуваме во финалната фаза на процесот на пристапување. Го отпочнавме скринингот со Европската унија и веќе се наоѓаме во поодмината фаза, а сите досегашни извештаи се позитивни. Пред нас имаме уште еден предизвик, а тоа е промената на Уставот со цел да продолжиме со преговорите по Кластери, за кои очекуваме дека ќе наметнат забрзано темпо на реформите, рече меѓу другото Џафери.