Џафери: Со Курти немаме добри лични односи, но комуникацијата меѓу институциите е без пречки

од Nikola Popovski
207 прегледи

Техничкиот премиер, Талат Џафери во интервју зборувал за неговиот однос со премиерите на земјите од регионот, особено со премиерот на Косово, Албин Курти, нагласувајќи дека личниот однос со него не е добар, известува „Euronews Albania“.

Од институционален аспект, Џафери истакнал дека комуникацијата ќе биде континуирана.

„Имам многу колеги во регионот. Нема пречки за меѓусебна комуникација. Не е мое да коментирам за политичките одлуки на Курти. Нема пречки во институционалните односи и нема да има пречки“, рекол Џафери.

Тој додал дека како премиер на Македонија ги претставува граѓаните и преку таа функција неговиот однос со граѓаните на Косово не може да се заснова на личен однос со политичарот кој ја извршува функцијата премиер на Косово.

„Затоа нема разлика и нема пречки во комуникацијата и нема да има пречки од моја страна“, кажал Џафери во интервју за „Euronews Albania“.

Техничкиот премиер навел дека преку социјалните мрежи добил честитки од целиот регион од сите луѓе од водечките институции, но не и од Белград.

„Од Србија немам добиено никаква честитка, ниту официјална, ниту лична. Се работи за дипломатско однесување, и тоа лично не ме импресионира“, оценил Џафери.

Зборувајќи за иницијативата Отворен Балкан, соопштил дека не ја завршила работата. Тој вели дека тоа се „актуелни прашања“ и дека Македонија нема причина да не биде дел од иницијативата.

„Нема причина да не бидеме дел во однос на правилата кои се воспоставени од економски аспект. Политичката комуникација беше отворена и немаше никакви пречки пред Отворен Балкан. Економскиот аспект кој е основа на Отворениот Балкан, неодамна донесе потпишани договори за непречено движење на работната сила. Сите земји во регионот имаат недостиг на работна сила, така што има прашања за кои има простор да се зборува, а има и прашања кои се во контекст на Берлинскиот процес каде што се сите. Поради тоа, нема потреба да се прекинува комуникацијата“, посочил Џафери.

Слични содржини