Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, заедно со потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи на СДСМ и коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ДУИ, Алијанса за Албанците и претставници на политичките партии Алтернатива и БЕСА, се сретнаа со Ана Лирман, министерка за Европа на Сојузна Република Германија, Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Француската Република и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за европски прашања на Република Полска.
Претседателот Џафери ја поздрави оваа посета во вистински момент и ја повтори посветеноста на нашата земја за остварувањето на стратешките цели за членство во НАТО и во ЕУ. Соговорниците беа информирани за актуелните активности во Собранието во контекст на овие цели, особено за целосната усогласеност со позициите на надворешната и безбедносна политика на ЕУ и преземените чекори во однос на Украина, тековниот процес за скрининг по усвојување на преговарачката рамка минатата година.
Во поглед на процесот на уставни измени кои се единствен предуслов за отворање на преговарачките поглавја, беше истакнато дека во моментов во Собранието нема потребно мнозинство за нивно спроведување.
Министерката Бун ја искажа поддршката која постои во Европската унија за процесот на проширување и интересот за унапредување на интегративниот пат на земјите од целиот регион во Унијата, што ќе придонесе за поголема стабилност и безбедност на европскиот континент. Оваа променета реалност и овој прозорец на можности кои се актуелно создадени, треба максимално да се искористат, имајќи го предвид фактот дека следната година се европските избори и истите ќе направат одреден застој доколку некои процеси не се завршат до крајот на оваа година.
Министерот Шинковски вел Сенк информираше за историското минато на трите земји, несогласувањата и проблемите со кои се соочувале во минатото, но и за единствената нивна поддршка на процесот на проширување и обединување. Ги потенцираше 4 приоритети на идното полско претседавање со Советот на ЕУ, меѓу кои ќе биде и процесот на проширување со конкретни активности.
Министерката Лирман нагласи дека во овој момент, партиските интереси не треба да одат над стратешките интереси на државата, повторувајќи дека преговарачката рамка која е усвоена од страна на земјите членки на ЕУ нема да се менува и истата претставува основа за процесот на преговори на Република Северна Македонија и дека нема нови барања и нови предуслови за отворање на преговарачките поглавја освен донесувањето на уставните измени. На крајот, ја потенцираше Резолуцијата донесена од страна на германскиот Бундестаг за поддршка на национални интереси на Република Северна Македонија.
Присутните на средбата изразија различни гледишта во однос на донесувањето на уставните измени, но преовладуваше согласност за нивно донесување, со исклучок на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Истовремено, беше побарана поголема поддршка и гаранции од европските партнери за процесот на преговори за спречување на нови барања од страна на Република Бугарија.