Џафери: Сплотени можеме да носиме одлуки кои ќе значат напредок на државата

од Vladimir Zorba
150 прегледи

Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка до православните верници по повод големиот хирстијански празник Велигден.

– Празниците оваа година се поклопуваа или се менуваа едни со други наизменично и тоа побуди во секој од нас некое свечено чувство кое што охрабрува и влева надеж во подобро утре. Постевме заедно, иако на друг начин и со различно времетраење, споделувавме ифтарски трпези заедно, со негување на обичаите и традицијата, како што било и убеден сум ќе биде и во иднина. Само така потврдуваме на дело дека заедно можеме и да гладуваме, и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите низ кои што поминува човештвото, наведува Џафери.

Само така, додава тој, сплотени можеме да носиме одлуки кои ќе значат напредок и развој на Република Северна Македонија, нејзина економска и енергетска безбедност и безбедност на нашите граници и граѓани.

– Сега, повеќе од кога било се потребни зборови на надеж, верба, меѓусебна почит и разбирање, солидарност, хуманост, пожртвуваност и сплотеност. Сега повеќе од кога било светот има потреба од тоа да бидеме подобри луѓе за себе, за сограѓаните и за нашата земја, вели Џафери во честитката.