Џафери-Стрик: По изборите С. Македонија да ги забрза уставните измени

од Nikola Popovski
120 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со европратеничката Тинеке Стрик.

Ова е втора средба на Џафери во својство на премиер со европратеничката Стрик, со која се сретна и во рамки на неговата прва посета на европските институции на 14 февруари 2024 во Брисел. Холандската европратеничка Стрик е дел од групата на Зелени/ Европска слободна алијанса, и член на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент и на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.

Фокусот на средбата беше на натамошниот напредок на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција, што се оцени како исклучително значаен за перспективите на граѓаните во државата, но и во регионален и посебно геополитички контекст.

Притоа, беше нагласена силната поддршка за продолжување на европскиот пат по завршувањето на изборите во земјата.

Премиерот Џафери оцени дека Северна Македонија се наоѓа во важен момент од демократскиот развој и дека претседателските и парламентарните избори ќе го одредат правецот на државата, што со право се следи со интерес во регионот и во Европа.

Притоа, потенцираше дека Владата ги презема сите чекори, согласно законските надлежности, да осигура дека сите надлежни институции ќе овозможат спроведување фер и демократски избори со целосен легитимитет.

Европратеничката Стрик го поздрави постигнатиот напредок на Северна Македонија и одлично завршениот процес на скрининг, притоа ја нагласи итноста и важноста од продолжување на започнатиот пат од геополитички аспект, како и искористување на позитивниот момент и широката постоечка поддршка за проширувањето на ЕУ.

Воедно, повика веднаш по завршувањето на изборите и формирањето на Собранието и Владата, Северна Македонија активно и забрзано да работи на спроведувањето на уставните измени и исполнување на реформската агенда, и заедно со соседите, да го заокружи патот кон членство во Унијата.

На средбата се разговараше и за важноста на Планот за раст на Западен Балкан и неговото усвојување во Европскиот парламент, како и за натамошното зајакнување на севкупната соработка на нашата држава со Европскиот парламент, вклучително и преку присуството на претставници од нашите собраниски служби во Брисел.

Слични содржини